
Олгица Тренеска има 19 години и е студентка на Академијата за моден дизајн во „Скала“. Ни доаѓа од Охрид и нејзиното време го минува пеејќи и танцувајќи, најчесто на фанк или R&B-музика. Таа вели дека ако некој ја бара, секогаш ќе може да ја пронајде на плажа, читајќи романтична книга. Ние имавме среќа што ја запознавме како студентка од „Скала“!
Би сакала да дизајнирам облека за…
Луѓе кои сакаат да се забавуваат, кои сакаат да пробаат нешто ново, градејќи свој уникатен стил.
Омилена модна епоха...
Ја сакам модата од 70-тите. Потекнува од мојот омилен жанр на музика, фанк, којшто се појави во средината на 60-тите, а и стиловите на диско коишто воведоа чевли на платформа, светли бои, сјај и сатен. Секогаш ја крадам облеката на мајка ми од нејзините тинејџерски денови.
Омилен моден дизајнер...
Emma Rowen Rose, Jean Paul Gaultier, Betsey Johnson
Никогаш нема да искомбинирам…
Карго-панталони со црно-црвена карирана кошула.
На Академијата, најважната лекција што ја стекнав…
Облеката е многу повеќе од парче текстил, тоа е начин на изразување, раскажување, важен столб на една цивилизација и комплексен израз на индивидуалноста на луѓето.
Често разговараме со колегите за…
Задачите коишто ги имаме, ги дискутираме и разјаснуваме, споделуваме информации коишто ќе ни помогнат во градење на идеи и развивање на колекција.
Мојот сон...
Мојот сон е прилично едноставен, но истовремено и комплексен, се надевам дека за 5 до 10 години ќе го најдам моето место во креативниот свет, ќе ги утврдам мојот уникатен правец и конкретната улога во мозаикот на креативноста.
Скала…
„Скала“ за мене е ново искуство, нови погледи кон модниот свет, нови пријателства, нови идоли, safe place и важно делче од сложувалкатa на мојата модна приказна.